УА !!! ЗА АЛФИТЕ

Овој Блог е направен со цел да се воспостви комуникација и размена на мислења на „клиентите“ кои се малтретирани од страна на АЛФИТЕ. Па затоа ве молам сите вас кои имате коментари или знаете начин на кој сите ние Ромите и другите етникуми да изнесете ваше мислење.

Wednesday, July 19, 2006

„Алфи“ претепале тројца Роми


Во МВР тврдат дека полицајците не ги пречекориле овластувањата бидејќи можат да употребат физичка сила и оружје во самоодбрана Гостиварците Ријан Калгури (30) и Мирсад К. (26) и Аднан С. (25) од Тетово, сите тројца Роми, тврдат дека припадници на полициската единица „Алфи“ ги привеле и ги тепале без причина, завчера вечерта во Гостивар. По нивното апсење пред зградата на СВР Гостивар се собрале стотина роми, кои протестирале и барале приведените да бидат ослободени. Неколку невладини организации на Ромите за вчера најавија мирен протест со марш по улиците на Гостивар. Од СВР Гостивар ги негираат наводите и велат дека полицајците постапиле според правилата и оти во инцидентот бил повреден еден полицаец, а било оштетено едно возило.

Инцидентот се случил во понеделникот околу 20 часот, во близина на гостиварскиот пазар. Поводот за инцидентот, и според полицијата и според приведените, било недоразбирање за предноста за движење по улицата.

Ријан Калгури (30), плочкар од Гостивар, тврди дека со ништо не ја предизвикал реакцијата на „алфите“. Тој вели дека воопшто не знаел за кого станува збор и дека полицајците не се легитимирале.

- Во комбито бев со мојот братучед и одевме на работа. Јас само се обидував да им укажам на лицата во „голфот“ дека нема место за разминување, по што излегоа и почнаа да ме тепаат. Се помирив со тоа дека ме нападнале непознати, по што отидов по помошниците и си заминав по работа. По петнаесетина минути повторно ме запреа на стотина метри од местото каде што прв пат ме запреа и повторно ме извадија од комбито, ми ставија лисици и почнаа да не' тепаат. Имаше и пукање - вели Калгури.

Тројцата повредени тврдат дека биле тепани со тупаници клоци и со палки, а на едниот од нив му бил вперен пиштол во главата.

Според полицијата, завчера околу 20 часот, на улицата Панче Поповски во Гостивар, тројца полицајци, поради непрописно движење запреле комби, управувано од Риан К. (30) од Гостивар. Откако бил легитимиран, Риан излегол од возилото и почнал да им се заканува на полицајците дека ќе го блокира сообраќајот, а потоа со возилото се упатил во непознат правец.

Половина час подоцна Риан се вратил на улицата со Аднан С.(25) од Тетово и со Мирсад К. (26) од Гостивар. Еден од тројцата фрлил клешта кон полициското возило при што го искршил стаклото од задната врата, а потоа Аднан со железен предмет удрил еден полицаец во градите и во рацете.

За да го одбијат нападот, еден од полицајците извадил пиштол и испукал два куршума во воздух, по што Мирсад почнал да бега, а Аднан и Риан биле приведени во СВР Гостивар. Малку подоцна Мирсад самиот се пријавил во СВР Гостивар.

Во полицијата велат дека додека разговарале со сторителите, пред зградата на СВР Гостивар, во знак на протест се собрале околу 100 лица, кои се разотишле половина час по полноќ. По расветлување на случајот против Риан К., Аднан С. и Мирсад К. ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Од МВР велат дека полицијата во својата работа не се води според етничка, расна или верска припадност на сторителите на кривични дела. Во полициското соопштение издадено во врска со инцидентот, се вели дека полицајците не ги пречекориле овластувањата бидејќи и тие како и нивните колеги во другите европски земји можат да употребат физичка сила и оружје за да се одбранат. МВР смета дека претставниците на партиите и здруженијата што покажуваат лажна солидарност кон Ромите ги затскриваат сторителите на кривични дела и манипулираат со Ромите, обидувајќи се да наметнат состојба дека се предмет на полициска бруталност.[ДНЕВНИК]

0 Comments:

Post a Comment

<< Home